ПАМПОРОВО
Туристички центар Пампорово e позната ски дестинација со над 85-годишна историја. Сместен е централно на Родопите – на 1650 м. н.в, во подножјето на врвот Снежанка. Пампорово се наоѓа на 15 км од градот Смолјан, на 10 км од градот Чепеларе и на околу 90 км од градот Пловдив. Климата во регионот е умерена со меки зими и над 240 сончеви денови во годината. Средната годишна температура е 5.5 °C.
Ски сезоната започнува во декември и продолжува до крајот на април. Во зимата снежната покривка достигнува над 2 м. Воздухот богат со негативни јони погоден е за рехабилитација на респираторни заболувања, заболувањата на нервниот систем и метаболизмот. Родопските специјалитети се познати по тоа дека се неверојатно вкусни, па и најголемите сладокусци ќе уживаат во гастрономските специјалитети на регионот.
Телевизиската кула Снежанка е симбол на Пампорово и Родопите. Височината на кулата е 156 м, располага со панорамска тераса, од која се пружа преубава гледка. На 400 м оддалеченост од кулата, 2017-та година е изграден видиковец „Три планини“ од каде се гледаат трите планински масиви: Родопите, Рила и Пирин. Уште еден видиковец, по име Орфееви скали можете да посетите, а во неговото подножје се Смолјанските езера, до кои можете да дојдете и со лифт.