КАМПАНИЈА
Кампанија се наоѓа на југот на Италија. Регионот е поделен на пет провинции, со главните градови: Салерно, Касерта, Авелино, Беневенто и Неапол (Наполи). Неапол е и главен град на регионот, со приближно 6 милиони жители. Ја заплискува Тиренското Море.
Ако сте љубители на археологијата и архитектурата, тогаш Кампанија задолжително треба да ја посетите. Археолошкото наследство е огромно: прекрасните грчки храмови во Пастум, Помпеја и Херкуланеум, остатоците од грчко-римскиот Велија, вториот по големина римски амфитеатар во Италија во Капуа… сите тие се неверојатни историски места. Потоа, тука е Кралската палата Казерта, најраскошната палата во Европа, со своите 1200 соби, со неверојатна градина, таа е италијанска верзија на Версај. Музеи, цркви, плоштади и палати – ќе бидете воодушевени од разновидноста и убавината на архитектурата.
Песочните плажи и кристално чистите води на националниот парк Чиленто, пејзажите на познатиот брег Амалфи, островите на Неаполскиот залив, како и волшебното Капри, се само неколку од местата во кои можете да уживате. Од подземните длабочини на пештерите на Пертоса до височините на планината Везув, има по нешто за секого. Националниот парк Чиленто има и огромни планински предели за уживање во пешачење или планински велосипедизам.
Светски познатите италијански јадења имаат корени во Кампанија: пица, шпагети, моцарела, лимончело, канелони… Таа е и неприкосновен победник за најдоброто кафе во земјата. Еспресо, капучино, а сега и интересни варијации, како што е кафето со лешник.
Кампанија е прекрасна регија, каде уметноста, историјата, природата и традицијата се спојуваат за да понудат незаборавен одмор.